Зошто ја одбравте токму Македонија како нова дестинација за Majorel?

Во Македонија забележуваме слични општествени одлики како и во други држави во развој во кои веќе постигнавме големи успеси – Грузија и Ерменија. Високо образован кадар, млади луѓе кои зборуваат повеќе светски јазици и поседуваат напредни дигитални вештини. Иако се образовани и вешти,младите луѓе тука се можеби малку скептични кон сопствените работни перспективи и работни можности кои државата ги нуди, па затоа неретко се среќаваме со луѓе кои имаат искуство со живеење и работа во странство, и кои гледаат кон „Западот“ и западниот начин на живот со восхит. Сепак, тие задржуваат силно чувство на национален идентитет, желба и волја да придонесат кон развојот на економскиот и општествен живот , што често е и причина  да останат во државава и покрај високата стапка на невработеност кај младите.

Тоа што особено ни е драго е што Македонија е седиште на различни култури и традиции, што им дава на луѓето одреден културен сензибилитет т.е. способност да ги разберат и да сочувствуваат со културните вредности на потрошувачите од регионот.

Како точно Македонија се вклопува во плановите на Majorel за регионот?

Тоа што ни е  особено важно е што добар дел од младата популација течно зборува германски и други светски јазици. Дополнително, добивме и млади луѓе кои течно зборуваат  јазици од регионот (како албански и турски), кои до сега немавме можност да ги понудиме на нашите клиенти.

Како би го опишале Скопје како град?

Скопје е фасцинантен град со богата култура и историја. Со популација од скоро половина од целата популација на Северна Македонија, тој е политичкиот, економскиот, образовниот и културниот центар на државата. Во него се испреплетени голем број на етникуми и религии, и секоја од нив има оставено сопствен белег. Ова станува очигледно ако прошетате низ градот и ја забележите мешавината на различни архитектонски стилови – стари станбени згради од некои минати епохи, исправени веднаш до понови, модерни објекти.

Скопје е и динамичен град во кој имате чувство дека цело време се случува нешто ново и интересно. Во него ќе најдете вртоглав број на традиционални и модерни ресторани, уникатни барови, и многу можности за активности на отворено, како прошетки во природа, велосипедизам, и планинарење.

Кои се предизвиците со кои се соочивте при отворање на првата канцеларија во Скопје?

Бирократијата тука е комплицирана и обемна, а ретко кој сектор од државната администрација е целосно или барем делумно дигитализиран. Ова малку нѐ успори при регистрирањето на канцеларијата и затворањето на сите правни процедури. Поради кризата пак со КОВИД-19 и последиците по светската трговија, моравме и подолго да почекаме додека ни ги достават градежните материјали и потребната ИТ опрема. Но мораме и да напоменеме дека многу ни помогна тоа што работевме со искусни локални партнери кои ни помогнаа полесно да ги разбереме правилата на државата и да ги поминеме нејзините правни лавиринти.

Кои се краткорочните и долгорочните планови на Majorel за Македонија?

На краток рок, би сакале да се радуваме на успешната имплементација на нашиот прв проект, да го етаблираме нашиот бренд на локалниот пазар, и да ги подигнеме  стандардите за вработување во индустријата за корисничка поддршка во државата. А гледајќи кон подалечната иднина, би сакале значително да пораснеме во Скопје, а и да се прошириме кон други градови во Македонија.

Кои корпоративни активности би сакале да ги имплементирате во Македонија?

Една од најголемите иницијативи е нашата поддршка на Институтот Гете кој пробува да го ублажи одливот на млади талентирани луѓе надвор од државава. Преку проектот наречен StayNet, Институтот Гете ги поттикнува младите луѓе да останат или да се вратат во Македонија и да пробаат да ја изградат нивната иднина тука, нешто во што Majorel и те како може да помогне. Планираме да понудиме и курсеви за освежување на германскиот јазик за оние кои го учеле пред подолго време. Дополнително, тука е и нашата Feel Good програма преку која се грижиме за целокупното физичко и ментално здравје на нашите вработени.

За крај, дознавте ли нешто интересно за Скопје што би сакале да го споделите?

Дефинитивно! Просторот на кој во моментов се наоѓа Скопје е населен веќе повеќе од 6 илјади години. Во Скопје е родена Мајка Тереза, а Старата Скопска чаршија е најголемата чаршија надвор од Истанбул и е заштитено културно подрачје од 2008-та навака. 80% од градот бил целосно уништен во разорниот земјотрес во 1963 година, после што започнале многу државни и меѓународни проекти за неговата реставрација. Најновиот – прилично контраверзен – проект е оној на претходната влада за изградба на стотици статуи ширум градот, со кој Скопје и неофицијално стана познат како „град на статуите“.

Check related posts